
Македонскиот фудбалски тренер Ѓоко Хаџиевски повеќе не е шеф на стручниот штаб на бугарскиот прволигаш Спартак Варна. Клубот ја потврди разделбата со искусниот стратег, откако тој побарал да се повлече веднаш по убедливата победа од 3-0 против градскиот ривал Черно Море.
Од Спартак соопштија дека ја прифатиле неговата одлука со целосно разбирање, истакнувајќи дека Хаџиевски го презеде тимот во исклучително тежок период и успеа да ја исполни задачата што му била доверена, да обезбеди стабилност и да го задржи клубот во бугарската Прва лига.
„Хаџиевски беше со нас во еден од најпредизвикувачките моменти за клубот и успешно ја исполни својата мисија. По победата над Черно Море ни соопшти дека сака токму тој натпревар да биде негов последен на клупата на Спартак. Неговата одлука ја почитувавме и ја прифативме“, се наведува во соопштението на клубот.
Воедно, бугарскиот прволигаш му изрази благодарност на македонскиот стратег за професионалниот однос, посветеноста и искуството што ги внел во тимот, оценувајќи дека со своето знаење и авторитет оставил значаен белег во клубот.
„Му благодариме за сè што направи за Спартак и му посакуваме добро здравје, лична среќа и многу успеси во иднина. Вратите на нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за него“, порачаа од Спартак Варна.
Хаџиевски ја започна сезоната како највозрасен тренер во бугарското првенство, а беше и меѓу најискусните стратези во европскиот клупски фудбал со своите 71 година. Засега останува неизвесно дали ова значи крај на неговата богата тренерска кариера или, пак, ќе прифати нов професионален предизвик.