
Елиф Елмас и официјално го комплетираше изненадувачкиот трансфер во Аталанта. Македонскиот репрезентативец денеска стави потпис на договорот со клубот од Бергамо, со што го започнува својот трет предизвик во италијанскиот фудбал.
Елмас во Аталанта пристигнува како позајмен играч од Лајпциг, исто како што беше случајот и минатата сезона во Наполи. Македонецот ќе има нова можност да ја пронајде формата со која своевремено го привлече вниманието на европските клубови.
По официјализирањето на трансферот, Елмас им се обрати на навивачите на Аталанта со кратка порака.
„Здраво, почитувани фанови на Аталанта. Јас сум Елиф Елмас. Среќен сум што сум тука. Со нетрпение чекам да се видиме на стадион. Напред, Аталанта“, порача македонскиот репрезентативец.
Аталанта ќе биде трет италијански клуб во кариерата на Елмас. Пред да пристигне во Бергамо, тој го носеше дресот на Наполи и Торино.
Eljif ha un messaggio per voi 🤩🖤💙 pic.twitter.com/OkOE0sXELi
— Atalanta B.C. (@Atalanta_BC) August 22, 2026