Младата македонска ракометна репрезентација одигра нерешено со Португалија 21:21 во натпреварот од второто коло, во квалификациите за пласман на Светското првенство во Алжир.
Македонија отвори добро, Томовски беше сигурен на голот, а Велковски и Талески ја диктираа играта во нападот. Направи Македонија предност од два гола, 4:2, 5:3, 6:4 и тука застана.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Португалците се ослободија од тремата, започнаа да играат цврсто во одбраната и со серија од пет гола го презедоа водството 6:9.
Стартот на вториот дел навести подобра игра на Македонија, со три гола во низа предноста на Португалците ја намалија на два гола 12:14. Португалците ја чуваа предноста сѐ до последните десет минути кога повторно во вистински ритам влезе голманот Томовски, а Велковски погоди за израмнување 19:19, а потоа Талески за предност на Македонија.
Мечот во своите раце го имаше Палевски, кој при резултат 21:20 во контра го погоди дирекот, а потоа Португалија израмни за конечни 21:21.
Во пресрет на решавачкото последно коло, овие две селекции имаат по три бода, а Португалците имаат подобра гол разлика.