
Четврта последователна светска круна за Австралија! Машката репрезентација го совлада Нов Зеланд со 32-12 во финалето на Светското првенство во рагби лига и повторно покажа дека тронот останува во нејзини раце.
Џек Босток и Лиам Мартин беа меѓу главните јунаци на победата, а голема улога имаше и Рис Волш. Со своите продори, тој постојано ја разбиваше противничката одбрана и помогна Австралија уште во првото полувреме да ја преземе целосната контрола.
Новозеланѓаните немаа време ниту да влезат во ритам пред првиот удар. Мартин постигна есеј уште во воведните три минути, најавувајќи го убедливото издание на својата селекција. Босток се запиша меѓу поентерите во првите 20 минути, а Бредман Бест додаде есеј на десет минути пред паузата.
Австралија заврши со четири есеи во првиот дел, откако Мартин повторно ја проби одбраната пред одморот. По враќањето на теренот, Том Трбојевиќ ја продолжи австралиската серија.
Исаија Папали’и успеа да возврати за Нов Зеланд, но тоа не беше доволно за пресврт во финалето. Последниот збор го имаше Босток, кој на три минути пред крајот постигна уште еден есеј и стави печат на победата за ново австралиско светско славје.
Фото: Sky Sports