
Бојана Поповиќ повеќе не е тренер на ЧСМ Букурешт. По речиси една година на клупата, црногорската тренерка и романскиот шампион договорија спогодбена разделба, која клубот и официјално ја потврди.
Промената доаѓа во период во кој резултатите се далеку од амбициите на клубот. ЧСМ претрпе четири порази во првите седум натпревари од сезоната во Лигата на шампионите, а ниту на домашната сцена не е на посакуваната позиција. Во романското првенство е втор, зад Глорија.
Во образложението за разделбата, клубот посочи дека последните настапи не ги исполниле очекувањата и натпреварувачките цели. Воедно ѝ се заблагодари на Поповиќ за вложениот труд и придонесот во периодот додека ја водеше екипата.
Решението за тренерското место е пронајдено во сопствените редови. Јулија Куреа ја презема екипата, откако досега работеше во постојниот стручен штаб. Поранешната романска репрезентативка веќе ги познава составот, начинот на работа и клупските амбиции.
ЧСМ изрази целосна доверба во Куреа и нејзините соработници. Пред нив се две задачи: да го поправат европскиот учинок и да се обидат да го вратат тимот на првото место во домашниот шампионат.
Фото: Handball-Planet