Дома Кошарка Мициќ сака титула и пензија во Хапоел: Со Итудис не мислиме секогаш исто

Мициќ сака титула и пензија во Хапоел: Со Итудис не мислиме секогаш исто

Мициќ сака титула и пензија во Хапоел: Со Итудис не мислиме секогаш исто

Василије Мициќ не планира Хапоел Тел Авив да му биде само попатна станица. Двократниот освојувач на Евролигата сака со израелскиот клуб повторно да стигне до трофејот, но и таму да ја заврши играчката кариера.

Во разговор за „Израел Хајом“, 32-годишниот српски плејмејкер откри дека првично барал четиригодишен договор, а на крајот потпишал на три години. За него, и таквата понуда била потврда дека клубот навистина го цени.

„Сакам да ја освојам Евролигата со Хапоел. Затоа дојдов тука. Сакам и да ја завршам кариерата во Хапоел. Уште кога пристигнав минатата сезона, целта ми беше да останам колку што можам подолго“, порача Мициќ.

Амбицијата е јасна, но Мициќ не крие дека со тренерот Димитрис Итудис понекогаш имаат различни погледи. Признава и дека не е секогаш лесен за соработка, иако смета дека заедничката цел е поважна од несогласувањата.

„Со Итудис понекогаш имаме различни мислења, но имаме заедничка цел. Сè додека гледаме кон истата цел, сè ќе биде во ред и нема да има триења или проблеми“, објасни тој.

Во тековната сезона Мициќ бележи просек од 14,6 поени и 4,6 асистенции. И покрај искуството од 278 евролигашки и 101 НБА-настап, не инсистира на улогата на главен лидер. Според него, тоа место заслужено му припаѓа на 31-годишниот Елајџа Брајант, додека придонесот мора да доаѓа од целиот состав.

Хапоел има биланс од шест победи и четири порази и се наоѓа во зоната за плејин. Следниот предизвик е градското дерби против Макаби Тел Авив, кое во четврток ќе се игра на Кипар, во рамките на 11. коло од Евролигата.

За Мициќ, пресметката со градскиот ривал не носи дополнителен притисок: секој натпревар го смета за важен, па и на дербито му пристапува со истиот став.

Фото: Eurohoops

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Кошарка

Проверете

Кари на магнетна резонанца, Голден Стејт во неизвесност

Стеф Кари го заврши настапот против Хјустон уште во првата четвртина поради болки во стома…