
Минусот во касата не ја запира инвестицијата во кошаркарскиот Реал Мадрид. За сезоната 2026/27 клубот планира буџет од 67,2 милиони евра, најголем во историјата на кошаркарската секција, објави „2Плејбук“.
Евролигашкиот финалист го подигнува финансискиот влог по сезона во која забележа рекордна загуба од 33,2 милиони евра. Дел од тој минус во 2025/26 бил покриен со приходите што ги остварил фудбалскиот дел на клубот.
Најголемиот дел од планираните трошоци повторно е поврзан со персоналот. За таа ставка се предвидени 52,7 милиони евра, од кои 44,4 милиони се наменети за кошаркарите и стручниот штаб. За споредба, вкупните трошоци за персонал минатата сезона изнесувале 48,6 милиони евра, приближно десет милиони повеќе отколку во 2024/25.
Паралелно со растот на расходите, во Мадрид очекуваат и поголем прилив од телевизиските права. Според истиот извештај, приходите од оваа ставка првпат треба да ја надминат границата од седум милиони евра, а оние поврзани со Евролигата би можеле да пораснат за 140 проценти.
Значаен придонес се очекува и од спонзорите. По минатосезонските 14 милиони евра, проекцијата за тековната сезона е над 17 милиони. Со тоа би продолжил нагорниот тренд на спонзорските приходи во изминатите осум сезони, додека клубот сè повеќе вложува во кошаркарската секција.
Фото: Eurohoops