
Кристапс Порзингис ја става кошарката во втор план за да се посвети на здравјето. Центарот на Голден Стејт преку објава на мрежата Икс соопшти дека се оддалечува од терените, оставајќи отворено дали повторно ќе заигра професионално.
Летонецот има 31 година, а сезонава сè уште нема одиграно ниту еден натпревар. Не откри со какви здравствени проблеми се соочува и не објави рок за евентуално враќање.
Обидот постепено да го подигне интензитетот на тренинзите не го донел посакуваниот одговор од телото. Иако со нетрпение очекувал повторно да биде на паркетот со соиграчите, Порзингис проценил дека во моментов не е подготвен за нивото што самиот го бара од себе.
„Добро сум, но знам што е потребно и моментално не сум таму каде што сакам да бидам за да играм на нивото што го очекувам од себе. Во овој момент решив здравјето да го ставам на прво место и да се оддалечам од играта што ја сакам“, порача Порзингис.
Неизвесноста околу неговиот настап трае од крајот на септември. Тогаш Вориорс објавија дека центарот ќе отсуствува на неодредено време поради здравствени причини. Тој не отпатува ниту на Хаваи, каде што екипата ги одржуваше подготовките за новата сезона.
Следниот чекор треба да биде договор со клубот. Порзингис најави дека ќе соработува со Голден Стејт во потрагата по решение што ќе им одговара на двете страни. Засега нема официјална потврда дека трајно ја завршува кариерата.
Неговото НБА-патување почна во 2015 година, кога Њујорк го избра како четврти пик на драфтот. Во текот на 11 сезони беше дел од шест клуба: по Никс играше за Далас, Вашингтон, Бостон и Атланта, пред да пристигне во Голден Стејт.
Највисоко се искачи во 2024 година, освојувајќи ја шампионската титула со Бостон. Со висина од 218 сантиметри, шут за три поени и способност да креира игра, го доби прекарот „Еднорог“, а значаен дел од неговата игра беше и заштитата на обрачот.
Зад себе има повеќе од 530 натпревари во регуларниот дел од НБА-сезоните, со просек од 19,5 поени и 7,6 скока. Сега приоритет е опоравувањето, додека прашањето за продолжување на кариерата останува без конечен одговор.
Фото: Hameltion / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0