
За Бибиње, празникот беше поважен од првенствениот натпревар. Клубот од Првата лига на Задарската жупанија одлучи да не настапи против Дебељак на 1 ноември, незадоволен што средбата е закажана на Сите Светци.
Управата ја објасни одлуката преку официјалната клупска страница на Фејсбук. Нејзиниот став е дека станува збор за ден посветен на споменот на починатите, кога многу луѓе се со своите семејства, се молат и ги посетуваат гробовите на најблиските. Токму затоа, во Бибиње сметаат дека тој термин не е соодветен за спортски натпревари.
Од клубот побараа при составувањето на распоредот да има поголемо разбирање за празниците со посебно значење за локалната заедница. Одбивањето да играат, според нивното објаснување, е израз на почит кон членовите на клубот и кон вредностите зад кои стојат.
Бибиње нагласи дека не се спротивставува на спортот. Напротив, управата смета дека заедништвото, почитта и одговорноста што ги промовира спортот треба да се покажат и при изборот на термините за натпреварување.
Дебељак бил подготвен да го одигра дуелот, а останатите клубови од лигата настапиле на празникот. Во Хрватска се одиграле и два натпревара од највисокиот фудбалски ранг, додека фудбал се играл и низ Европа и светот.
Против натпреварите на Сите Светци се изјасни и навивачката група на Риека, Армада. Нејзините членови поради истата причина не дојдоа на стадионот „Рујевица“.
Фото: Index.hr