
Фалкирк стави крај на 19-годишното чекање за победа над Селтик и со триумф од 2-0 му зададе нов удар на шкотскиот шампион. Наместо да ја зацврсти предноста во трката за титулата, тимот на Мартин О’Нил го забележа шестиот пораз во последните десет натпревари.
Селтик и натаму има четири бода повеќе од Ренџерс, но и одигран натпревар повеќе. Фалкирк, пак, со четвртата победа во низа се искачи на четвртото место, на два бода зад Хартс.
Проблемите за гостите почнаа уште во третата минута. По центаршутот на Рајан Стрејн, Камерон Картер-Викерс ја испрати топката право до Итан Рос, кој го казни подарокот и донесе водство за домаќините.
Важна улога во победата имаше и поранешниот голман на Селтик, Скот Бејн. Тој ги запре обидите на Камило Дуран и Хасеим Хасан, пред Скот Тансер да го надмудри Картер-Викерс и со силен удар да ја удвои предноста на Фалкирк.
Домаќините ја затресоа мрежата и по паузата, но тој погодок не беше признат. ВАР потврди дека топката ја погодила раката на Џејкоб Марел пред да ја мине гол-линијата.
О’Нил направи три измени во составот по ремито со Данди јунајтед во текот на неделата, но не го доби посакуваниот одговор. Селтик притискаше во завршницата, а Бејн го заврши натпреварот со десет одбрани и не дозволи поранешниот клуб да се врати во игра.
Фото: Sky Sports