
Двоцифрениот поентерски учинок не им донесе радост на македонските репрезентативци Ти-Џеј Шортс и Мозес Рајт во деветтото евролигашко коло. Валенсија остана со празни раце во Барселона, каде загуби со 98-94, додека Милано беше поразен кај Олимпијакос со 84-78. Следната рунда носи директен дуел на нивните клубови.
Шортс запиша 11 поени, пет асистенции и еден скок во неизвесната пресметка во „Палау Блауграна“. Валенсија во завршната четвртина влезе со негатива од само еден поен, 69-68, но не успеа да го направи решавачкиот чекор. Робинсон погодуваше во клучните моменти, а Бризуела со офанзивен скок по своето непрецизно слободно фрлање ја зацврсти победата на домаќините.
Брукс со 26 поени ја предводеше Валенсија, додека кај Барселона се издвоија Робинсон со 22 и Пара со 19. Само пет дена претходно, плејмејкерот имаше 18 поени и пет скока во домашниот триумф над Басконија од 84-75 во шпанското првенство.
Рајт, пак, на гостувањето кај Олимпијакос придонесе со 16 поени, пет скока и две асистенции. Милано пружи отпор, но немаше одговор за расположените Милер-Мекинтаер и Везенков, кои постигнаа 24, односно 23 поени. Грчкиот состав стигна до победа и покрај отсуството на неколку стандардни играчи.
Токму италијанскиот тим ќе биде домаќин на нивната меѓусебна средба во следното коло, предвидено за периодот од 4 до 6 ноември. Така, по вечерашните порази, Шортс и Рајт ќе бараат враќање на победите еден против друг.
Фото: Wikimedia Commons