
Макаби Тел Авив го затвора белградското поглавје со натпреварот против Париз. Денешниот евролигашки дуел во салата „Александар Николиќ“ ќе биде последен на кој израелскиот клуб ќе ја има улогата на домаќин во српската престолнина.
Следната станица за Макаби е Кипар. Првиот домашен натпревар по преселбата е закажан за 12 ноември, против Хапоел, а според медиумските информации, тамошната полиција веќе ги подготвува безбедносните мерки за средбата.
Подготовките предвидуваат постојана комуникација меѓу полицијата и клубот од 2 ноември. Во фокусот ќе биде и безбедното движење на екипата од хотелот до салата и назад. Дуелот со Хапоел носи дополнителна сложеност во организацијата на првиот натпревар во новото привремено домашно опкружување.
Белград неколку месеци беше базата од која Макаби ги пречекуваше евролигашките противници. Поради ситуацијата во Израел, клубот доби дозвола од Евролигата домашните средби да ги организира во Србија, во салата позната и како „Пионир“.
Во текот на тој период постепено беше овозможено и враќање на навивачите на трибините. Сега, со гостувањето на Париз завршува престојот на Макаби во Белград, а следното домаќинство ќе биде на кипарско тло.
Фото: Telegraf