
Дино Старчевиќ не успеа да ја израдува домашната публика на ФНЦ 34 во Скопје. Македонскиот борец загуби од Србинот Никола Ѓурѓев, кој го заврши петтиот дуел од програмата со гушење уште во првата рунда.
Почетните секунди му припаднаа на Старчевиќ. Со решителен настап и силен удар веднаш предизвика гласна реакција од трибините, каде што ја имаше поддршката како еден од милениците на домашните навивачи. Сепак, доброто отворање не беше доволно за да ја задржи предноста во продолжението.
Откако пресметката се префрли во партер, Ѓурѓев ја презеде иницијативата. Српскиот борец крвавеше од носот, но продолжи да се бори и набргу му нанесе расекотина и на Старчевиќ. Во еден дел од борбата судијата ги предупреди двајцата дека мора да покажат поголема активност.
Решавачкиот момент дојде при обид за промена на позицијата. Ѓурѓев ја искористи можноста да го фати противникот во зафат за гушење, по што Старчевиќ со тапкање означи дека се предава.
Така, и покрај силниот почеток на македонскиот борец и поддршката од трибините, победата во оваа крвава пресметка му припадна на Ѓурѓев, без потреба од втора рунда.