Дома Македонски спорт Мак фудбал Растодер погоди, Херера најдобар на теренот во европската вечер

Растодер погоди, Херера најдобар на теренот во европската вечер

Гол за Елмин Растодер и признание за Себастијан Херера ја одбележаа европската вечер на фудбалерите поврзани со Македонија. Напаѓачот придонесе за триумфот на Панатинаикос со 5:1 кај Каират, додека Херера беше избран за најдобар поединец во победата на Борац над КуПС со 2:0.

Растодер влезе во 56. минута наместо Сирил Десерс, кој претходно постигна два гола, а во 75. минута го постави конечниот резултат. За грчкиот тим тоа е втор успех во почетните две средби од Конференциската лига, по домашните 2:1 против Борац. Растодер пристигна од Тун на крајот на јуни и потпиша четиригодишен договор.

Херера го одигра целиот натпревар за Борац и доби жолт картон во 78. минута, а голманот Дамјан Шишковски остана меѓу резервите. Цел меч одигра и Висар Муслиу, чиј Сент Труден славеше со 1:0 на гостувањето кај Митјиланд. Неговиот тим повторно не прими гол, откако на отворањето ја совлада Иберија 1999 со 2:0.

Поинаква вечер имаше Матеј Гаштаров: само ден по продолжувањето на договорот до 2031 година, постигна автогол во ремито 2:2 на Црвена звезда со Копенхаген. Во обид да расчисти нафрлена топка во 29. минута, несреќно го лобуваше сопствениот голман. Деветнаесетгодишниот фудбалер, кој потекнува од Вардар, во претходната европска рунда асистираше за израмнувањето на Тими Елшник против Лугано.

Езџан Алиоски доби шанса од 75. минута во гостинската победа на Лугано над Хетафе со 5:2. Елиф Елмас, пак, беше стартер за Аталанта кај Ајакс, но излезе во 80. минута, по што италијанскиот состав ги прими двата гола за пораз од 2:0. Никола Серафимов не влезе во игра при победата на Левски од 2:1 кај Викторија во Лига Европа.

Следниот предизвик за Растодер и Панатинаикос во Конференциската лига е закажан за 5 ноември, кога во Атина ќе гостува ЦСКА Софија.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Мак фудбал

Проверете

Ниту играч повеќе не го спаси Палас: Саж останува под притисок

Кристал Палас испушти водство против Бешикташ и ремизираше 2-2 во Истанбул. Пјер Саж гледа…