
Оливер Берман е сè поблиску до продолжување на соработката со Хас, а шефот на тимот Ајао Комацу не ја крие високата оценка за младиот Британец.
Иако продолжувањето на договорот уште не е формално потврдено, Комацу порача дека во тимот сакаат да продолжат со Берман и дека финализирањето зависи само од последните детали.
„Не можам да навлегувам во одредени договорни детали, но секако би сакал да продолжиме со Оли“, изјави Комацу.
Јапонецот додаде дека Берман покажал голем напредок и дека со настапите оваа сезона јасно демонстрирал дека е подготвен да биде еден од главните луѓе во тимот.
„Тој е неверојатен талент и покажа огромен развој. Оваа година покажа дека е подготвен да биде лидер на тимот“, истакна Комацу.
Берман во моментов е 13. во генералниот пласман кај возачите со 23 бода, што е 16 повеќе од тимскиот колега Естебан Окон, кој ќе замине од тимот по крајот на сезоната.
На местото на Окон пристигнува Рафаел Камара, уште еден возач од академијата на Ферари, кој како лидер во Формула 2 потпиша повеќегодишен договор.
Комацу посочи дека намерата на Хас е Берман да остане, но и дека официјалната објава ќе следува кога ќе бидат затворени сите формалности.
„Станува збор само за тајминг и за финализирање на одредени детали. Нашата намера е да продолжиме со Оли, а официјалното соопштение ќе дојде во свое време“, додаде тој.
Берман викендов ќе настапи на Големата награда на САД во Остин, а потоа следува и трката во Мексико Сити.
Минатата година на патеката во Остин заврши на деветтото место, а во Мексико стигна до најдобриот резултат во кариерата со четврта позиција, по добра борба за место со Макс Ферстапен.