Дома Моторспорт Вилијамс го прескокнува FW49: болидот за 2027 ќе се вика FW50

Вилијамс го прескокнува FW49: болидот за 2027 ќе се вика FW50

Вилијамс официјално најави дека својот болид за сезоната 2027 во Формула 1 ќе го именува како FW50, прескокнувајќи ја ознаката FW49. Потегот е дел од поширока програма со која тимот ќе ја одбележи 50-годишнината.

Тимот од Гроув така ќе стане дури трет во историјата на спортот што стигнал до ваков јубилеј, по Ферари и Мекларен. Ова не е првпат Вилијамс да направи ваков симболичен скок во нумерацијата, бидејќи и за 40-годишнината директно премина од FW38 на FW40.

Еден од поинтересните детали е што навивачите ќе добијат шанса да го изберат дизајнот на болидот FW50 за настапот на Силверстоун, и тоа само за Британското ГП. Засега од тимот не објавија на кој начин точно ќе се организира гласањето.

Вилијамс има силна историја на домашната патека, со вкупно осум победи. Првата ја оствари Клеј Регацони во 1979 година, а 100-тата победа за тимот ја донесе Жак Вилнев во 1997.

Главниот дел од прославата ќе биде W50 Live, изложба со влезници што ќе се одржи од 11 до 28 февруари 2027 година на адреса 26 Leake Street во Ватерло, Лондон. Изборот на локацијата е поврзан со корените на тимот, бидејќи токму под железнички лак во Лондон Френк Вилијамс го пронашол коосновачот Патрик Хед како работи во гаража.

Изложбата ќе биде организирана низ шест тематски простори, а посетителите ќе можат да видат неколку важни автомобили од историјата на тимот: FW06, првиот болид изграден од Williams Grand Prix Engineering, потоа шампионскиот FW11B на Нелсон Пике од 1987, доминантниот FW14B на Најџел Менсел од 1992, FW19 со кој Вилнев стана шампион во 1997, како и FW38 во кој Валтери Ботас достигна 378 км/ч. Ќе биде изложен и шоу-модел на FW50.

Претпродажбата на билети за членовите на W Club почнува на 26 октомври, додека редовната продажба стартува на 29 октомври.

Зад воланот на FW50 ќе бидат Алекс Албон и Карлос Саинц. Албон оваа година стана возачот со најмногу стартови во историјата на Вилијамс, откако на Шпанското ГП го надмина рекордот на Менсел од 95 настапи. Саинц, пак, се приклучи на Менсел и Ален Прост како еден од тројцата возачи што возеле за сите три тима кои стигнале до 50 години во Формула 1.

„Знаеме за што бил способен Вилијамс во минатото, а сега е наш ред да продолжиме да го градиме тимот назад кон победнички патеки“, изјави Саинц.

Шефот на тимот Џејмс Воулс посочи и на независниот дух со кој е создаден тимот.

„Неверојатно е да се помисли дека повеќе од 100 Ф1 тимови дошле и заминале откако Френк Вилијамс го создаде овој тим практично од ништо“, порача Воулс.

Во својата историја Вилијамс има освоено девет конструкторски титули, седум шампионски круни кај возачите и 114 гран при победи. Последната конструкторска титула ја освои во 1997 година.

Во рамки на јубилејната програма се најавени и лимитирани производи, Monopoly сет со ознака W50 кој треба да се појави пред Божиќ, како и специјална книга на teNeues. Од тимот најавија дека во наредните месеци ќе откријат уште настани поврзани со прославата.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Историски ден во Ф1: Мајк Хоторн стана првиот британски светски шампион

Пред 68 години Мајк Хоторн ја испиша историјата во Формула 1, освојувајќи ја титулата со с…