
Габриел Бортолето останува цврсто уверен дека Ауди е вистинската средина за неговата кариера во Формула 1, иако дел од возачите од неговата генерација веќе стигнаа до подиуми и борба за самиот врв.
Бразилецот влезе во Ф1 заедно со бран млади таленти, меѓу кои Оли Берман, Кими Антонели и Исак Хаџар. Но, нивните први две сезони се развија во различни насоки.
Додека Антонели и Хаџар се пробиваат напред, при што Италијанецот во моментов е лидер во шампионатот, Бортолето и Берман се водат битка во долниот дел од поредокот и се борат за поени.
„Тие двајца се возачите од мојата генерација што веќе стигнуваат до подиуми. Се тркав против нив целиот живот. Вистината е дека и јас бев добар против нив во јуниорските категории и знам што можам. Но, морам да бидам трпелив. Секој има свој пат. Ќе видиме каде сите ќе завршиме за 20 години“, порача Бортолето.
Тој зад себе има импресивен младински пат, со последователни титули во Ф3 и Ф2, со што влезе во мал круг возачи на кои им успеало такво нешто. Во сезоната во Ф2 ги победи и тројцата ривали кои денес се со него на Ф1-гридот.
Сепак, самиот признава дека преминот во Формула 1 носи сосема поинаква реалност. Во пониските категории, дури и со послаб тим можеш да дојдеш до победа, но во Ф1 мора целосно да го смениш начинот на размислување.
„Многу сум среќен што сум во Формула 1. Тоа е првиот чекор кон сонот што отсекогаш сум го имал. Но, искрено, тешко е кога доаѓаш од јуниорските серии во кои си победувал, а потоа влегуваш во Формула 1 знаејќи дека не можеш веднаш да се бориш напред. Речиси две години сум тука. Сега целта е да освојувам поени, а ни тоа не е лесно“, истакна Бразилецот.
Ауди како мотивација, не како товар
Бортолето верува дека најсилниот мотив му е самиот проект во кој се наоѓа. Според него, Ауди не е тим што се помирува со моменталната позиција, туку структура што се менува, расте и има јасен долгорочен план.
„Она што ме движи е проектот од кој сум дел. Не сум во тим чија амбиција е да остане таму каде што е денес. Сум во тим што напредува секоја година и има јасен долгорочен план. Се надевам дека еден ден ќе погледнам назад и ќе видам дека сè низ што поминавме ни помогнало да стигнеме до врвот“, рече шампионот во Ф3 од 2023 и Ф2 од 2024 година.
На само 22 години, Бортолето се гледа како дел од долгорочна приказна и не чувствува притисок поради тоа што би можел да биде еден од лидерите на тимот во иднина.
„Гордост, да. Притисок, не. Ќе има тешки моменти, ќе има периоди кога нема да победуваш, а јас мора да продолжам да работам на мојот менталитет, на себе и на развојот како возач“, додаде тој.
Бразилецот е убеден дека прашањето не е дали Ауди ќе дојде до врвот, туку кога ќе се случи тоа. И верува дека тогаш мора да биде целосно подготвен.
„Денот кога Ауди ќе ми даде можност да победувам, со болид и мотор за победа – а тоа ќе се случи, не мислам дека ќе треба многу долго да се чека – јас морам да бидам подготвен да покажам што знам“, вели Бортолето.
Во моментов тој е 15-ти во генералниот пласман кај возачите, додека Ауди е осми кај конструкторите. И покрај тоа, Бортолето смета дека во Формула 1 работите можат брзо да се променат.
„Во моментов Хаџар и Кими се поблиску до крајната цел, а тоа е светската титула. Но, сè може да се смени за една година. Никогаш не знаеш. Јас само треба да продолжам да го давам максимумот“, порача младиот возач.