
Ненад Лалатовиќ повторно е тренер на Нови Пазар и веќе го чека првиот натпревар по враќањето, против ИМТ во 12. коло од српската Суперлига. Српскиот стратег се врати во клубот откако претходно ја заврши минатата сезона токму во Пазар, а сега повторно ја презеде екипата по смената на Пандуровиќ.
Во пресрет на натпреварот, Лалатовиќ јасно порача дека во оваа фаза резултатот е пред сè.
„Би прифатил каква било победа. Не е важно како ќе дојде, најбитни се трите бода. Може да одиграте убаво, како што Пазар играше против Партизан, а да не победите. Сега би прифатил и послаба игра ако тоа значи победа и приклучок кон горниот дел од табелата. Плеј-офот е приоритет, а Европа би била огромен успех. Не сакам да ветувам многу, целосно сме фокусирани само на ИМТ“, истакна Лалатовиќ.
Тренерот на Нови Пазар има голем респект кон следниот противник и посебно зборуваше за структурата на тимот на ИМТ, како и за Радe Дуњиќ.
„Тоа е незгоден противник, тим кој традиционално не му одговара многу на нашиот Пазар, но традициите се тука за да се рушат. Ако сакаме три бода против одличен ривал, мора да одиграме како да е финале на куп, како да се бориме за трофеј. Првиот човек на ИМТ, Радe Дуњиќ, е толку посветен што Бог едноставно му враќа за сè тоа. Имаат одлични поединци кои со еден потег можат да решат натпревар. Крилата им се брзи, играчите од средината се одлични и по додавањето веднаш одат кон завршница. И одбраната им е добра, а ја води мојот поранешен соработник од Чукарички, Зоран Поповиќ. Се гледа неговиот ракопис. Организирани се и знаат да играат на резултат. Нè чека тежок меч“, рече Лалатовиќ.
Тој беше задоволен и од атмосферата во својот тим, нагласувајќи дека играчите добро реагирале на барањата по неговото враќање.
„Атмосферата е одлична. Играчите работат со голем елан, доаѓаат на тренинг и си заминуваат насмеани. Мислам дека разбраа што барам од нив. Треба да ги повториме оние добри игри на Пазар, со фокус кога треба да свртиме резултат, а кога треба и да го сочуваме. Да знаевме подобро да ја задржиме предноста по 85. минута, Пазар ќе беше вистински хит во лигата. Знаеме што сакаме – три бода. Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број, бидејќи без нив не можеме. Очекувам поддршка од 4 до 5.000 луѓе. Ривалот не е случајно таму каде што е, имаат квалитет, но имаме и ние“, додаде тој.
Лалатовиќ откри и на што најмногу се работело во краткиот период пред натпреварот.
„Ако Нови Пазар беше поефикасен, сега ќе беше трет на табелата. Во овие три дена најмногу работевме на реализацијата и на тоа да не срламе ако во 80. минута водиме 1:0. Тој резултат треба да се зачува, а не да тргнеме по уште еден гол и потоа да примиме. Ни треба мир во завршницата. Немавме многу време, но играчите многу добро ги прифатија моите барања. Најважно е да покажат срце“, порача тренерот.
На крајот, тој најави дека не се исклучени ни тактички корекции, но без премногу откривање пред дуелот.
„Ќе го задржиме тоа што досега беше добро. Јас сум тренер што сака да менува системи, да почне во една формација, па да премине во друга или трета, сè со цел да го поремети противникот. Пазар изгледаше многу добро против Партизан, мојот колега Страхиња добро си ја завршил работата, само недостигала среќа. Можеби ќе смениме нешто, а можеби и нема. Нема сега да откривам сè. Ќе направиме најдобар можен тим за да го победиме ИМТ“.