
Во Врњачка Бања денеска започна Суперлигата на Србија во шах, на која учествуваат 23 клуба, од кои 12 се машки и 11 женски. Ова го соопшти Шаховската федерација на Србија.
На свеченото отворање присуствуваа претседателот на Шаховската федерација на Србија, Андрија Јоргиќ, членот на општинскиот совет на Врњачка Бања задолжен за туризам, култура и информирање, Милутин Думановиќ, и државниот секретар во Министерството за спорт, Ратко Николиќ.
Јоргиќ изрази задоволство што ова натпреварување се одржува во Врњачка Бања, која ја нарече престолнина на шахот, и што првпат носи називот Суперлига на Србија. Тој се заблагодари на Супер фондацијата за поддршката и наградите за првите пет пласирани екипи во машка и женска конкуренција, како и на Врњачка Бања која повеќепати досега била одличен домаќин на значајни шаховски натпревари.
Милутин Думановиќ им посака добредојде на сите учесници, а Ратко Николиќ го прогласи турнирот за отворен, изразувајќи задоволство што е дел од оваа шаховска приказна. Тој им посака на сите натпреварувачи мирна рака и натпреварување во духот на фер-плејот.
Суперлигата на Србија ќе трае до 14 октомври, но Врњачка Бања ќе биде домаќин на уште едно значајно шаховско случување во ноември, кога ќе се одржи Светското првенство за ветерани со учество на околу 400 натпреварувачи од 57 национални федерации.