
Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, истакна дека преговорите меѓу НБА и Евролигата се одвиваат без учество на ФИБА, но сите три страни имаат за цел да постигнат договор кој би бил корисен за сите клубови во Европа.
Гарбахоса објасни дека ФИБА преговарала со Евролигата во изминатите две години со три различни извршни директори, со цел да се создаде стабилна структура на натпреварувања во Европа која би била од корист за сите клубови, а не само за неколку од нив. Во процесот, се вклучи и НБА.
„НБА ја разбира и почитува вредноста и специфичностите на европската кошарка. Тоа го прави нашиот однос со НБА толку близок, особено во последните неколку месеци. Што се однесува до Евролигата, тие носат свои одлуки. Сите сакаат заеднички договор на трите страни, што би било најдобро за сите клубови во Европа“, изјави Гарбахоса.
Тој додаде дека ФИБА три пати ги повикала НБА и Евролигата на разговори во нивното седиште за да ги приближат двете организации.
„Ние не сме дел од тие преговори, тоа се билатерални разговори меѓу нив. Сепак, ние секогаш сакаме да бидеме дел од решението, а не од проблемот“, нагласи Гарбахоса.
Гарбахоса исто така рече дека проектот на НБА и ФИБА ќе продолжи дури и ако не се постигне договор со Евролигата. „Како што рече Силвер, договорот би бил одличен, но ако не, имаме свои планови. Имавме позитивен одговор од пазарот во Европа, над очекувањата. Нашата цел е јасна – да ја унапредиме европската кошарка“, заврши Гарбахоса.