
Рио Фердинанд и Давид де Хеа би ја прифатиле титулата за сезоната 2011/12 доколку истата му биде одземена на Манчестер Сити и доделена на Манчестер Јунајтед. Вејн Руни изјави дека не би се чувствувал удобно и дека Јунајтед не ја заслужил титулата таа сезона.
Иако е најмалку веројатно дека Манчестер Сити ќе остане без титулите откако се покажа дека клубот е прогласен виновен за 114 од 115 точки од обвиненијата за прекршување на правилата на Премиер лигата, тоа е тема која најмногу ги интересира навивачите и за тоа најмногу се зборува.
Легендата на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни вели дека Јунајтед конкретно не ја заслужува титулата за таа сезона, 2011/12, дури и ако титулата би му била одземена на Сити.
„Слушнав дека Рио кажа дека треба да додадеме уште еден пехар во нашата колекција… Но, искрено, не би ми било удобно ако тоа се случи“, изјави Руни во подкастот Stick To United.
„Мислам дека ние таа сезона не заслуживме титула, не направивме доволно за да бидеме шампиони. Мислам дека имавме предност од шест или седум поени, а на крајот ја загубивме во последните пет натпревари на сезоната“, се сеќава Руни.
„Ги следев сите информации што се појавија во јавноста изминативе денови, слушав што луѓето зборуваат и се обидов да се ставам во кожата на играчите на Манчестер Сити… Тие играчи, тие дадоа сè од себе да победат и да ја освојат титулата, и во нивните глави – тоа е она што го постигнаа… Ако тие играчи не се свесни што се случувало горе, да се случеше тоа мене… би се чувствувал очајно, уништен“, искрен е Руни.
„Можно е тоа да се случи, да им се одземат титулите, но јас не ја сакам таа медаља, сметам дека како тим не ја заслуживме, ако ја заслужевме ќе бевме први. Затоа, кога ги слушам тогашните соиграчи да кажуваат ‘сакам таа медаља’ мислам – јас сум задоволен со петте што ги освоив. Таа не ја освоив. Дали треба да им ја одземат заради она што го прават сопствениците на клубот? Веројатно, но јас не би се чувствувал удобно ако ми ја дадат на мене“, заклучи Руни.
Во последното коло од сезоната 2011/12, Манчестер Јунајтед токму со гол на Вејн Руни го победи Сандерленд и мислеше дека ја освои титулата бидејќи во тој момент Сити губеше со 2:1 од Квинс Парк Ренџерс.
Сепак, Един Џеко постигна гол за израмнување, а Серхио Агуеро ја донесе победата и титулата на Сити.