
Македонија е меѓу 11-те европски земји кои официјално покажаа интерес за организација на Европското првенство во ракомет во 2034 година. Рокот за доставување на писмата со интерес до Европската ракометна федерација (ЕХФ) истече во средата.
Европското првенство во машка конкуренција ќе се игра од 10 до 29 јануари 2034 година, а покрај Македонија интерес за домаќинство изразија и Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Србија, Словенија, Шведска и Турција.
Заедно со останатите заинтересирани федерации, РФМ има рок до 1 март следната година да ја достави официјалната кандидатура. Македонија, Србија и Словенија веќе постигнаа договор за заедничка кандидатура, според која две групи би се играле во Македонија, додека завршницата би се одржала во Белград.
По истекот на рокот, ЕХФ детално ќе ги разгледа и оцени сите понуди. Одлуката за домаќинот на шампионатот ќе биде донесена на Конгресот на ЕХФ на 18 септември 2027 година во Љубљана.
ЕП 2034 ќе донесе и промена во форматот. За првпат четвртфиналните натпревари ќе бидат дел од редовниот распоред на европските првенства, согласно претходната одлука на Извршниот комитет на ЕХФ.
Во женска конкуренција, шампионатот ќе се одржи од 28 ноември до 17 декември 2034 година. За организација на овој турнир интерес покажаа Данска, Фарски Острови, Луксембург, Холандија и Шведска.