
Олимписките игри во Париз 2024 година, меѓу другото, оставија впечаток поради скандалот со олимпијците во триатлон, кои мораа да пливаат во загадените води на реката Сена. Во 2032 година, пак, учесниците на Олимпијадата во Бризбен ќе се соочат со уште поголеми предизвици.
Веслачите и кајакарите таму ќе се натпреваруваат за олимписките медали на река каде што живеат околу 500 опасни крокодили.
Звучи како сценарио за напнат трилер, но е официјална одлука: Fitzroy реката во австралискиот Квинсленд, која е позната по тоа што е дом на околу 500 крокодили, доби зелено светло за одржување на веслачките и кајачките натпревари на Олимписките и Параолимписките игри во Бризбен 2032 година.
Откако Независната агенција за инфраструктура и координација на Игрите (GIICA) спроведе детална анализа на патеката во градот Рокхемптон, локацијата беше официјално одобрена. Интересно е тоа што оваа опсежна техничка студија не се занимаваше со присуството на овие опасни рептили. Аналитичарите се фокусираа исклучиво на логистичките и спортските аспекти – од временските услови и нивото на водата до ризикот од поплави.
Во извештајот е истакнато дека оваа река не е непозната за спортистите; на неа редовно се одржуваат локални регати, училишни првенства, па дури и кампови на националните репрезентации.
И покрај необичните жители на реката, лидерите на светските спортски организации изразија целосно задоволство од избраната локација.
Жан-Кристоф Ролан, претседател на Светската веслачка федерација (World Rowing), потврди дека Fitzroy реката ги исполнува сите строги олимписки и параолимписки стандарди и гарантира фер услови за сите натпреварувачи. Се согласи и Томас Кониецко од организацијата Paddle Worldwide, истакнувајќи дека длабочината на техничките анализи влева доверба и обезбедува сигурност за натпреварувачите на мирните води.
Ендру Ливерис, претседател на Организациониот комитет Бризбен 2032, порано јасно порача дека крокодилите не претставуваат непреодлив проблем. Со својата порака предизвика загриженост но и насмевки во јавноста поради неговата необична споредба:
“И во океанот има ајкули, но луѓето сепак сурфаат. Тука треба да се водиме од ставот ‘може’, а не да бараме причини зошто нешто не може. Мораме да го промениме начинот на размислување,” изјави Ливерис.
Откако локацијата беше официјално потврдена, Ливерис нагласи дека оваа одлука им дозволува на организаторите да продолжат со полна сила во следната фаза на планирање и да се фокусираат исклучиво на подготовката на Рокхемптон за спектактот.
Солените крокодили кои живеат во оваа област, популарно наречени “салтис” од страна на локалното население, се едни од најопасните предатори.
Тие се прилагодуваат на животот во слатка и солена вода, и можат да пораснат во вистински џинови повеќе од шест метри. Изгледа дека на олимпијците и параолимпијците во 2032 година сигурно нема да им недостига возбуда на патеката.