
Седлоски посочи дека пред Македонија е специфичен период со четири натпревари во краток временски интервал, нешто со кое досега не се соочил.
„Очекувам добра игра, борба на секој натпревар, максимално залагање и концентрација. Никогаш досега не сум имал толку натпревари во толку краток период. Затоа повикав 28 фудбалери, но одиме чекор по чекор и во овој момент мислиме само на Швајцарија“, изјави Седлоски.
Еден од четворицата дебитанти е Матеј Гаштаров, кој во изминатиот период остави добар впечаток со настапите за Црвена звезда. Селекторот откри дека го гледа во средниот ред и дека може да биде употребен на повеќе позиции.
„Гаштаров го гледам во средниот ред, но може да одговори на неколку позиции. Имаме неколку тренинзи и ќе видиме кој каде ќе игра. Сакаме да создадеме компактна репрезентација, комбинација од искуство и младост. Соседите се обидувале да го убедат Гаштаров да игра за нив, но јас разговарав со него и ми кажа дека со душа чека да настапи за Македонија. Очекувам да се појави на собирот во понеделник“, рече Седлоски.
Селекторот се осврна и на Милан Илоски, кој исто така бил дел од неговите планови. Сепак, според Седлоски, напаѓачот во разговорите ги ставил клупските обврски во преден план и сè уште нема дадено конечен одговор.
„Со Илоски разговаравме и пред натпреварот со Данска, а потоа повторно. Николче Новески беше во контакт со него. Во првиот разговор кажа дека има важни клупски обврски, а во вториот дека ќе размисли и ќе ни одговори. Сè уште немаме одговор. Нема никого да молиме да игра за Македонија“, порача Седлоски.