
Романската фудбалска федерација (FRF) воведе сосема нова дисциплинска мерка во младинските категории, позната како црн картон.
За разлика од жолтиот и црвениот картон, овој не се однесува на играчите, туку служи како завршна реакција на судијата за несоодветното однесување на родителите и останатите гледачи.
Покажувањето на црниот картон значи само едно – натпреварот е дефинитивно прекинат и нема да продолжи.
Оваа нова мерка ќе се применува во натпреварите на младинскиот погон, вклучувајќи ги и натпреварите на децата од 7 до 16 години. Целта на романската фудбалска федерација е да ги заштити децата од насилство, навреди, притисоци и други неприфатливи однесувања од трибините.
„Децата не треба да бидат жртви на амбициите, притисоците или фрустрациите на возрасните кои ги следат од трибините“, истакнаа од Федерацијата.
Одлуката беше донесена на 11 септември за време на седницата на Комитетот за итни случаи на FRF и претставува продолжение на борбата против инцидентите на натпреварите во младинските категории.