
Некогаш светски признат талент, денес Балотели е фудбалер на клубот Ал Итифак во Обединетите Арапски Емирати, каде што игра заедно со неговиот брат Енок Барвуах. Иако низ кариерата го следеа бројни скандали и пропуштени можности, со 36 години наметнува впечаток на зрелост и спокојност, истовремено искрено анализирајќи ги причините за кризата во италијанскиот репрезентативен фудбал.
Говорејќи за неуспесите на Италија да се пласира на три последователни Светски првенства, Балотели смета дека не тактиката е проблем, туку начинот на живеење на младите и промената во односот на родителите. Потсети дека во минатото децата играа фудбал на улиците и парковите, додека денес тие места се празни.
“Компјутерите, телефоните и PlayStation го уништија многу. Најмногу се промени менталитетот на родителите. Сега деца на седум години тренираат два часа секој трет ден. Ние на тие години имавме структурирани тренинзи, но потоа уште три часа секојдневно игравме во паркот, што беше дополнителен тренинг и забава. Вистинските таленти се раѓаат на улица и во паркот”, вели Балотели.
Поранешниот репрезентативец на Италија додаде дека младите играчи денес гледаат видеа на интернет и мислат дека се одлични мајстори, за разлика од неговата генерација која таквите потези ги докажуваше во дуели со постари деца. И покрај сегашната криза, верува дека Аѕурите ќе се вратат на врвот за неколку генерации. Во интервјуто се осврна и на својот поранешен тренер Роберто Манчини, откривајќи дека понекогаш си шегуваат за неговото враќање во репрезентацијата.
Со посебна сентименталност Балотели се присети на времето во Манчестер Сити, каде што освои Премиер лига и ФА Куп. Нагласи дека тој период има посебно место во неговото срце бидејќи тие беа генерацијата која ги постави основите на денешниот моќен Сити.
На крајот од разговорот, напаѓачот изјави дека планира да игра додека го служи телото, по што сака да се посвети на своето семејство и приватни бизниси, далеку од медиумскиот интерес кој го следеше низ целата кариера. На прашањето што би си советувал себеси со 16 години, кратко заклучи дека би си рекол да донесе поинакви одлуки и да ги слуша вистинските луѓе.