
Џамал Мусиала би можел да игра за Баерн во претстојниот натпревар за Суперкупот на Германија против Борусија Дортмунд, и покрај загрижувачките здравствени проблеми кои се појавија последните денови.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Младиот фудбалер за само четири дена доживеа два колапса на натпреварите против Лајпциг и Хајденхајм, што предизвика голема загриженост во клубот и меѓу навивачите.
Медицинскиот тим од Минхен објаснува дека се работи за специфично невролошко нарушување кое предизвикува таканаречени “кризи на отсутност”, односно краткотрајни губитоци на свеста.
Сепак, станува збор за состојба со која германскиот репрезентативец може слободно да ја гради својата кариера, а прегледите потврдуваат дека неговото срце и другите витални органи функционираат беспрекорно.
Во баварскиот гигант веќе месеци работат со овој здравствен предизвик, и во соработка со експерти активно бараат соодветни терапии.
По повод целиот случај, се огласи и почесниот претседател на клубот Ули Хенес кој отворено зборуваше за новонастаната ситуација.
“Информирани сме за неговите проблеми веќе месеци. Имаше некои сигнали, но вакво нешто на натпревар никогаш не се случило. Сите останавме затечени, не бевме подготвени за ова. Мораме да научиме како да живееме со оваа ситуација. Нашите лекари се во постојан контакт со специјалистите”, изјави Хенес.
Конечната одлука дали Мусиала ќе патува за Дортмунд ќе се донесе во петок, по дополнителни мерки на претпазливост.
Натпреварот за Суперкупот носи нова пресметка на големите ривали, каде Баерн влегува како освојувач на двојната круна, додека Борусија го бара својот момент како второпласирана екипа од Бундеслигата.