
Македонската женска сениорска ракометна репрезентација ќе има нов предводник, откако Ракометната федерација го назначи Црногорецот Игор Марковиќ за нов селектор.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Марковиќ доаѓа со значајно искуство во работата со младинските селекции на Црна Гора. Во 2023 година ја предводеше младинската репрезентација до шестото место на Европското првенство, резултат со кој беше обезбедено учество на Светскиот шампионат.
Најголемиот успех во својата досегашна тренерска кариера го оствари годинава на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина, каде што Црна Гора заврши на одличната петта позиција, што се смета за еден од најзначајните резултати во историјата на црногорскиот женски младински ракомет.
На клупско ниво, Марковиќ беше дел од стручниот штаб на романски Рапид Букурешт, каде што ја извршуваше функцијата прв асистент на Давид Хинеста Монтес.
Како активен ракометар играше на позицијата лево крило, а во кариерата настапуваше за Ловќен, Будуќност Подгорица, Ал-Курине од Кувајт и унгарскиот Комлои Бањаш.
„Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме се подобри. Пред нас е Европското првенство, а претходно не очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија“, изјави Марковиќ на претставувањето.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, истакна дека федерацијата има големи очекувања од новиот селектор и верува дека неговото искуство ќе придонесе за напредок на националниот тим.
„Со големо задоволство го поздравуваме доаѓањето на Игор Марковиќ на селекторската позиција на женската сениорска репрезентација на Македонија. Станува збор за тренер кој зад себе има богато играчко и тренерско искуство, а неговите резултати и професионален пристап се потврда за неговите квалитети.
Пред нас е исклучително важен период – не очекуваат настапите на Трофеј Македонија, како и подготовките за претстојното Европско првенство. Верувам дека заедно со стручниот штаб и ракометарките ќе изградат силен и конкурентен тим кој достојно ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена.
На Игор Марковиќ му посакувам успешна работа,среќа и заеднички да се радуваме на нови успеси на женската сениорска репрезентација на Македонија“, порача Стефанов.