
Пелистер денеска и официјално го промовираше легендарниот хрватски стратег Лино Червар, кој по пауза од осум години повторно се враќа на македонската ракометна сцена.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
На своето прво обраќање како тренер на битолскиот клуб, Червар не го криеше задоволството што ќе работи во град кој, според него, живее за ракометот. Искусниот стратег истакна дека токму во Битола планира да ја заокружи својата богата тренерска кариера.
„Голема чест е да се биде дел од клуб и град со толку силна ракометна традиција. По осум години повторно сум во Македонија и верувам дека тука ќе биде последната станица од мојата кариера. Битола е вистински ракометен град, место каде што спортот се чувствува и живее. За мене Пелистер е најголемиот ракометен клуб во Македонија, но пред нас е сериозна задача бидејќи конкуренцијата е силна“, порача Червар.
Хрватскиот стручњак говореше со почит и за останатите македонски клубови, нагласувајќи дека ривалството треба да остане само на теренот.
„Треба да им оддадеме признание и на конкурентите. Вардар повторно се издигна, Охрид вчера стигна до европски трофеј, а тука е и Алкалоид кој постојано напредува. Надвор од теренот мора да бидеме пријатели и да си даваме поддршка, а кога ќе започне натпреварот секој да се бори за своите бои. Додека сум тука, во мојата глава ќе постои само еден клуб и еден град – Пелистер и Битола. Ќе вложиме максимум за да ја оправдаме довербата“, изјави новиот тренер на битолчани.
Пелистер во новата сезона ќе има јасна цел – враќање на трофеите во своите витрини, откако годинава домашните титули завршија во рацете на Вардар.