
На стадионот Емирати во Лондон, вечерва ќе бидеме сведоци на тоа кој ќе стане првиот финалист во годинешното издание на Лигата на шампионите. Домаќинот Арсенал ќе се соочи со силниот Атлетико Мадрид, а по првата средба минатата недела, сè е отворено.
Улични кучиња: Системски или човечки проблем? | Уште еден поткаст
Да потсетиме, натпреварот во Мадрид заврши 1:1, теренската борба беше жестока, како што беше и очекувано со оглед на формата која двете екипи ја покажуваат оваа сезона.
Головите на првиот натпревар во Мадрид беа постигнати од пенали, а стрелец за Арсенал беше Ѓјокереш, додека за Атлетико погоди Хулијан Алварез.
Арсенал, кој веќе е на врвот на Премиерлигата три кола пред крајот, минатата сезона беше елиминиран во полуфиналето на Лигата на шампионите од страна на идниот шампион, тимот на ПСЖ.
“Едвај чекам. Чувствувам енергија во тимот и околу него,” изјави Артета и додаде:
“Заедно постигнавме многу како клуб и како тим. Долго чекаа на ваква ноќ. Можност е за нешто неверојатно”.
Од друга страна, тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, изјави дека екипата го променила хотелот пред реваншот во Лондон, откако престојуваа на друго место во време на поразот од 4-0 во лигашката фаза оваа сезона против Арсенал. .
“Сега сме во подобра форма од октомври, но и хотелот беше поевтин. Затоа го сменивме,” се пошегува Симеоне.
Што се однесува до повредите, Алварез, кој оваа сезона има 20 гола и девет асистенции во 48 натпревари во сите натпреварувања, е вклучен во составот на Атлетико за патувањето, откако беше заменет крајот на првата средба, поради што неговото учество во вечерашниот натпревар беше под знак прашалник.
“Хулијан е многу важен за вакви натпревари. Одлично ја познава лигата. Натпреварот од минатата недела беше многу добар. Се надевам дека ќе може да одговори на начин кој ќе го бара натпреварот”, додаде Симеоне.