
Само Новак Ѓоковиќ успеа еднаш да го направи она што Јаник Синер го направи оваа година: да ги освои „саншајн дабл“ мастерсите во Индијан Велс и Мајами, а потоа и Монте Карло.
Синер продолжи беспрекорно со сезоната по поразот од Ѓоковиќ на Австралија Опен, освои три мастерси, од кои Индијан Велс и Монте Карло за прв пат во кариерата и се врати денеска на првото место на АТП листата. Сезоната сега веќе изгледа блескаво за момчето од северот на Италија.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Тоа што го открија тениските статистичари: на Јаник Синер му недостасуваат уште четири големи трофеи за да го „комплетира тенисот“. Да направи нешто што до крај не успеа ниту Рафаел Надал, ниту Роџер Федерер. Се разбира, Новак Ѓоковиќ успеа, затоа и е тениски ГОАТ – Најголемиот на сите времиња.
Синер има освоено три од четирите гренд слема, му недостасува Ролан Гарос. А, од сите мастерси кои се играат, му недостасуваат само уште два: Мадрид и Рим. И ќе има можност веќе во следните месец и повеќе да ги стави тие пехари во своја сопственост. Не ќе биде лесно, бидејќи Карлос Алкарас се уште важи за подобар кога се игра на земја, иако Италијанецот во Монте Карло успеа во два сета да го победи Шпанецот и да го однесе пехарот.
Тие три големи трофеи: Ролан Гарос и мастерсите во Мадрид и Рим Јаник Синер би можел да ги освои оваа година. До последниот значаен трофеј ќе мора да чека барем уште две години, а во прашање е златото на Олимписките игри.