
Со комплетирањето на денешните два натпревари во Првата лига, трката за титулата доби нов заплет, Шкендија максимално го искористи киксот на Вардар и се израмни со големиот ривал на врвот, па двата тима сега имаат по 58 бодови.
Вардар доживеа неочекуван пораз на гостувањето кај Арсими во Чегране (1-0), во натпревар во кој имаше иницијатива, но не успеа да создаде доволно сериозни шанси. Клучниот момент се случи во финишот од првото полувреме, кога Маркел Гони ја затресе мрежата за водство на домаќините. Ситуацијата се проверуваше и со ВАР поради сомневање дека топката претходно излегла надвор од теренот, но погодокот беше признат.
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
За Арсими оваа победа значеше крај на негативната серија без триумф, која траеше четири кола, од кои три завршија со пораз. Од друга страна, за Вардар ова беше само втор пораз во сезоната, по оној во дербито против Шкендија.
Тетовци не пропуштија шанса да профитираат и на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров стигнаа до минимална, но злато вредна победа од 1-0. Стрелец на единствениот гол беше Красничи, кој погоди на почетокот на второто полувреме, во 53. минута.
Во следното коло не очекуваат нови возбудувања – Вардар на домашен терен ќе се соочи со Македонија Ѓорче Петров, додека Шкендија ќе го пречека Пелистер.