
Англискиот фудбалер Рахим Стерлинг го изненади фудбалскиот свет со одлуката кариерата да ја продолжи во Холандија, при што потпиша за Феенорд. Но, уште со првото појавување на тренинг доживеа голем удар.
Стерлинг своевремено беше еден од најдобрите крилни напаѓачи во Англија, играјќи одлично за Ливерпул, што му донесе трансфер во Манчестер Сити во 2015 година за над 60 милиони евра.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Со “Граѓаните” освои речиси сè што можеше и беше важен дел од тимот на Пеп Гвардиола, но летото 2022 година беше време за разделба.
Стерлинг одлучи за 57 милиони евра да премине во Челси, што се покажа како голем промашување, затоа што на “Стемфорд Бриџ” не успеа да се докаже.
По потпишувањето за “Сините”, кариерата на овој 31-годишен играч започна да опаѓа, а дури и заемот минатата сезона во Арсенал не донесе посакуваниот успех.
Во првиот дел од сезоната, Стерлинг беше потполно испаднат од плановите на Челси, поради што лондонскиот клуб одлучи да го раскине договорот со него, бидејќи беше еден од најплатените играчи.
Се очекуваше Стерлинг да остане во Премиер лигата, но понуди немаше. Сепак, никој не очекуваше дека ќе ја продолжи кариерата во Холандија, потпишувајќи за Феенорд.
Вчера, Стерлинг беше официјално претставен како ново засилување на Феенорд, потпишувајќи договор до крајот на сезоната, со надеж да ја оживее својата кариера во холандскиот гигант.
Raheem Sterling, welcome to Rotterdam! 🛬 pic.twitter.com/B8whimJ2cb
— Feyenoord Rotterdam (@Feyenoord) February 13, 2026
По потпишувањето, Стерлинг објасни дека ја прифатил понудата бидејќи директно го контактирал тренерот Робин ван Перси, а такво нешто не може да се одбие.
Сепак, само 24 часа по потпишувањето со Феенорд, Стерлинг доживеа непријатност кога утринава се појави на тренинг на холандскиот клуб.
Од клубот му соопштија дека не треба да се подготвува за тренинг бидејќи не му е дозволено да тренира со тимот, ниту пак во теретаната, бидејќи не му е дозволено да тренира во тренинг центарот на Феенорд.
Оваа одлука ќе важи додека Стерлинг не добие виза, односно работна дозвола, бидејќи нема пасош на Европската унија.
Холандските медиуми пишуваат дека ваквото решение го изненадило Стерлинг, кој верувал дека сите документи се средени и со нетрпение очекувал повторно да излезе на теренот по шест месеци кошмар во Челси.
Поради ова, се уште не е познато кога Стерлинг ќе дебитира за својот нов клуб, но во наредните денови се очекува да се реши прашањето за неговата работна дозвола.