
Македонскиот репрезентативен чувар на мрежата, Столе Димитриевски, имаше одлично издание на дуелот против Хетафе и беше еден од клучните фактори за минималната победа на Валенсија од 1-0. Неговата партија беше наградена со висока оценка 7,9 од реномираниот „СофаСкор“, но радоста брзо беше засенета од контроверзна објава на шпанскиот спортски весник „Марка“.
Популарниот медиум излезе со наслов во кој тврди дека Димитриевски по година ипол конечно успеал да сочува „чиста мрежа“ во Ла Лига, потсетувајќи дека последен пат тоа му успеало на 12 мај 2024 година, на натпреварот меѓу Рајо Валјекано и Валенсија. Притоа, „Марка“ целосно го игнорира фактот дека македонскиот голман по доаѓањето на „Местаља“ има настапено на само шест лигашки натпревари, што ја прави ваквата констатација најмалку тенденциозна.

До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Димитриевски и самиот во повеќе наврати потенцираше дека не е прва опција меѓу стативите на Валенсија, нешто што јавно го кажа и во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров. Таму откри дека клубот има јасен договор да го форсира Хулен Агирезабала, голманот кој пристигна на позајмица од Атлетик Билбао.
Иако Агирезабала оваа сезона не блеска и веќе има примено 30 голови во Ла Лига, тоа не беше доволно тренерот Карлос Корберан да му укаже поголема доверба на Димитриевски. Напротив, според шпанските медиуми, македонскиот репрезентативец дури бил и „казнет“ со клупа поради искрените изјави дадени во подкастот.
За потсетување, Димитриевски неодамна настапи и во Купот на Шпанија против Бургос, каде повторно не прими гол и доби високи оценки, уште еднаш покажувајќи дека заслужува поголема шанса меѓу стативите на Валенсија.