
Седумкратната гренд слем шампионка во сингл, американската тенисерка Венус Вилијамс доби специјална покана за Отвореното првенство на Австралија кое започнува на 18 јануари во Мелбурн.
Организаторите денеска објавија дека 45-годишната Вилијамс ќе се врати на Мелбурн Парк 28 години по нејзиниот прв настап. Таа во 1998 година ја победи помладата сестра Серена во второто коло, пред да загуби во четвртфиналето од сонародничката Линзи Девенпорт.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Венус Вилијамс во ноември објави дека ќе игра во Окланд, на Нов Зеланд, каде исто така доби „вајлд кард“, две недели пред Австралија опен.
Организаторите на Австралија опен исто така објавија дека Венус Вилијамс е пријавена и за учество на турнирот во Хобарт, една недела подоцна и непосредно пред почетокот на првиот гренд слем турнир во сезоната.
Венус Вилијамс, која последен пат играше во Мелбурн во 2021 година, два пати беше поразена во финалето на тој турнир, во 2003 и 2017 година, и во двата наврати од Серена. Таа досега на Мелбурн Парк има запишано 54 победи и 21 пораз.