
Едер Милитао, 27-годишниот бразилски фудбалски репрезентативец и одбранбен играч на Реал Мадрид, повторно се повреди, овој пат на пријателскиот натпревар против Тунис. На дуелот во Франција, кој заврши нерешено 1:1, Милитао го напушти теренот по еден час игра поради повреда на адукторот.
Од Реал засега нема официјална објава за времетраењето на отсуството на Бразилецот, но шпанските медиуми прогнозираат дека тој би можел да биде отсутен од два до шест недели. Иако самата повреда не изгледа сериозно, алармантно за водството на Реал е тоа што Милитао често се соочува со слични проблеми. Тој дојде во Реал од Порто во 2019 година, но последните сезони повеќе се на листата на повредени играчи отколку на теренот.
Од лозје до чаша: Уметноста на виното со Теодор Бојаџиев | Уште еден поткаст
Во последните две години, Едер Милитао два пати имаше сериозна повреда на коленото и од август 2023 година досега пропушти преку 200 дена поради разни повреди. Неговата улога во Реал е значајна, особено откако и другиот искусен одбранбен играч, Антонио Ридигер, е повреден и уште не е подготвен, а проблеми има и Дин Хујсен.
Ни во оваа репрезентативна пауза Реал немаше среќа, откако поради претпазливост и страв од влошување на здравствената состојба од француската репрезентација беа повлечени Килијан Мбапе и Едуардо Камавинга. Мбапе се жали на болки во скочниот зглоб, додека Камавинга има проблеми со мускул.