
Со години беше неговата главна ѕвезда, некое време и капитен, но повредите доведоа до тоа што Нејмар одамна не е дел од бразилската репрезентација. Последниот натпревар за националниот тим фудбалерот од Сантос го одигра пред две години против Уругвај кога кинаше лигамент на коленото.
Од тој момент започна агонијата на Нејмар. Повредите се следеа една по друга, одвојувајќи го крилниот фудбалер од теренот во неколку наврати. Поранешниот играч на Барселона и Париз Сен Жермен во текот на изминатите две години не се наигра ни на клупско ниво, па не можеше да се надева ни на повик во репрезентацијата. И прашање е дали и кога повторно ќе го добие, бидејќи во средината на септември повторно се повреди.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
Сепак, новиот селектор на Бразил, Карло Анчелоти, не му ги затвори вратите на државниот тим пред претстојното Светско првенство.
“Нејмар може да игра на највисоко ниво во овој тим без проблеми. Кога е физички подготвен, тој има квалитет да игра не само за Бразил, туку и за било кој тим на светот поради неговиот талент”, изјави италијанскиот стратег пред пријателскиот натпревар со Јапонија, кој е на програмата во вторник (12:30).
Претходно Селесао веќе ја совлада Јужна Кореја, и тоа со убедливи 5:0, наговестувајќи дека Бразил повторно може да стане синоним за атрактивен фудбал.
“Бразилската репрезентација сака да игра убав фудбал и може да го игра, се разбира, но прво мораме да објасниме што мислиме под тоа. Играчите имаат индивидуален квалитет и посветеност, но тоа се комбинира со тимскиот труд и движење без топка, кои се неопходни во фудбалот. Важно е да се игра убаво, но најважно е да се победи”, потенцираше поранешниот тренер на Реал Мадрид.