
Шефот на Ла Лига Хавиер Тебас упати повторна критика кон останатите големи првенства во Европа, при што особен фокус овојпат, како и обично, беше насочен кон Манчестер Сити и Пари Сен Жермен. Тебас повторно се изјасни против неразумното трошење во останатите лиги, но истакна дека тоа на крајот не успева да им даде очекувано предност.
„Фудбалот е глобален и во натпреварите од европските турнири се соочуваш со клубови кои работат по различен систем. Кај нив или недостасува финансиска контрола, или таа е различна. Во Англија веќе се загрижени за нивото на долговите во домашниот фудбал. Тоа е лига каде постојано се создаваат загуби. Можеш да бидеш со загуба 1-2 или 3 години, но не и 4, 5, 6, 7, 8, 9 или 10 години како Манчестер Сити, кои губат пари, но прават измами уште од кога овие сопственици се таму,“ започна излагањето Тебас.
Од лозје до чаша: Уметноста на виното со Теодор Бојаџиев | Уште еден поткаст
„ПСЖ има претрпано загуби од 200 милиони евра во текот на седум последователни години. Но, ние продолжуваме да се бориме и резултатите се очигледни. Шпанските клубови имаат освоено 30 трофеи во Европа во овој век и сме далеку пред Премиер лигата. Во добра состојба сме, но имаме и понатаму некои недостатоци. Треба да се справиме со нив за да освојуваме уште повеќе и да бидеме конкурентни. Има проблем со билетите. Имаме дефицит од околу 600 милиони евра секоја сезона во споредба со Премиер лигата и Бундеслигата. Најголема е разликата во ВИП ложите и специјалните понуди. Стадионите во Шпанија имаат само околу 4,3% ВИП ложи, во Бундеслигата се околу 9%, а во Англија 11,5%. Треба да го измениме тоа, што е и една од причините за парите од CVC.