
Фудбалерите на Пелистер по успешниот почеток на сезоната и двете победи во првите три кола, влегоа во серија од четири порази по ред, што ги спушти на осмата позиција на табелата, со минимална предност од само еден бод над зоната за испаѓање.
Во овој негативен период, битолчани беа поразени на гостувањата кај Македонија ЃП и Работнички, како и на домашен терен против Арсими и Башкими. За време на овие средби постигнаа само три, а примија дури единаесет голови, па со вкупно 16 примени погодоци досега се наоѓаат меѓу најслабите дефанзивни екипи во Првата лига.
ТОП 11 МАКЕДОНСКИ ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ - *Football Edition*
Капитенот Мирко Ивановски им упати порака на верните навивачи, повикувајќи ги да останат покрај тимот и во овој тежок период, изразувајќи уверување дека кризата ќе биде надмината и дека подобрите резултати ќе дојдат наскоро.
„Како капитен сочувствувам со нашите навивачите во овој тежок момент за нашиот клуб и чувствувам потреба да им се обратам. Неочекувано западнавме во кризен период на игра и резултати и потребна ни е сплотеност и заедништво да излеземе од кризата. Се соочуваме со проблеми од разен тип, меѓу нив и повреди, но ако сме сите заедно верувам дека ќе излеземе од негативниот момент. Очекувам поддршка за оваа млада екипа, затоа што сезоната е долга, а во неа имаме многу цели за исполнување. Сакам да им го честитам почетокот на прославата на 40-годишнината на навивачката група ‘Чкембари’ и ветувам подобри денови. Овој роденден се совпаѓа со 80-от роденден на нашиот клуб и убеден сум дека заедно ќе славиме сезонава“, кажа Ивановски.