
Трофеите одамна не стигнуваат на Олд Трафорд, а според сите показатели долговите се сè поголеми. Долгот на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед ненадејно порасна и сега изнесува скоро 1,1 милијарда фунти, известува „Би-Би-Си“.
Овој пораст е забележан откако клубот позајми дополнителни 105 милиони фунти за да го финансира летниот трансфер период.
Кој ќе победи во Beer Pong - Лига на Шампиони
Според најновите финансиски извештаи, вкупниот долг на Јунајтед сега вклучува 742 милиони фунти во заеми, како и 447 милиони фунти обврски по основ на трансфери.
Од овој износ, дури 205 милиони фунти се доспеваат за плаќање по една година. Овие податоци од ББС ги оставија во шок навивачите на Јунајтед.
Летниот трансфер период беше обележан со доаѓање на неколку значајни засилувања, вклучувајќи ги Матеус Куња, Брајан Мбеумо, Бенџамин Шешко и голманот Сене Ламенс.
Вкупната потрошувачка за трансфери достигна 167,8 милиони фунти, а најголемиот дел од овие износи беа исплатени преку рати.
И покрај големите вложувања, во клубот се воведоа одредени мерки на штедење. Миноритарниот сопственик Сер Џим Ретклиф презеде конкретни чекори за да ги намали оперативните загуби.
Благодарение на овие мерки, загубите се намалени од минатогодишните 113,2 милиони на 33 милиони фунти, што претставува значителен напредок во финансиското управување на клубот.
Сепак, Јунајтед се соочува со нови предизвици, особено поради отсуството на европски фудбал оваа сезона. Тоа сериозно ќе влијае на приходите на клубот.
Минатата сезона, пласманот во финалето на Лига Европа донесе 43,7 милиони фунти приходи од награди, но оваа година клубот нема да оствари сличен приход, што дополнително ја отежнува финансиската слика.
Финансиската стабилност на клубот веќе некое време е под притисок, а новиот заем и растот на долгот само дополнително ја комплицираат ситуацијата пред идните инвестиции.
Навивачите и аналитичарите изразуваат загриженост поради сè поголемото потпирање на позајмени средства и сложени трансферни структури, кои може да станат товар во случај на неуспех на теренот.