
Македонската кадетска репрезентација до 16 години славеше уште една победа против Црна Гора на вториот контролен натпревар одигран во Охрид, славејќи со убедливи 5:0 на „Билјанини извори“. По триумфот од 3:0 на првиот дуел, избраниците на селекторот Исејни уште еднаш ја демонстрираа својата надмоќ.
Улични кучиња: Системски или човечки проблем? | Уште еден поткаст
Херој на средбата беше Медин Емини, кој блесна со дури четири погодоци. Првиот гол го постигна во 22. минута по додавање од Адеми, а на пет минути пред паузата ја удвои предноста. Со почетокот на второто полувреме Емини го комплетираше хет-трикот, за во 61. минута по одземена топка и удар кон празната мрежа да се потпише и на својот четврти погодок.
Крајниот резултат го заокружи Стефан Ристиќ во 77. минута, кој по асистенција од Крстевски погоди за конечни 5:0. Иако селекторот Исејни направи повеќе промени во стартниот состав во однос на првиот натпревар, македонските кадети повторно доминираа и рутински дојдоа до втората победа над Црна Гора.