
Италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума ќе го напушти ПСЖ. По освојувањето на Лигата на шампионите и француското првенство минатата сезона, Донарума не успеал да постигне договор со клубот за нов договор. Поради ова, тренерот Луис Енрике не го вклучи во тимот за натпреварот во УЕФА Суперкупот против Тотенхем. За целата ситуација проговори менаџерот на Донарума, Енцо Рајола.
“Неверојатно сме изненадени од постапките на ПСЖ. Покажаа нула почит кон Донарума по четири години во кои го бранеше нивниот гол. Во моментов ја разгледуваме целокупната ситуација со правниот тим. Џиџио дури беше подготвен да ја намали платата, но ПСЖ ги промени условите за потпис на новиот договор”, изјави агентот на Донарума за Скај Спортс.
ВАР во македонскиот фудбал – Разговор со Дејан Јакимовски | Уште еден поткаст
Договорот на италијанскиот голман истекува во летото 2026 година, а ПСЖ не сака да го изгуби без надомест. Се очекува Донарума ова лето да го напушти тимот, а Манчестер Сити е еден од клубовите што покажува интерес за негов трансфер, според извештај од Фабрицио Романо.
Францускиот клуб во моментот бара 50 милиони евра, што за англиските тимови е превисока сума. За да направи простор за Донарума, Сити ќе треба да го продаде својот стандарден голман Едерсон. Галатасарај се заинтересирале за бразилскиот голман.