
Капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ (39), прв пат говореше за официјалниот сајт на Милан откако премина во овој италијански клуб.
Лука ова лето, по 13 години поминати во Реал, се одлучи за промена и се пресели во таборот на “росонерите”.
Вардар сигурен, Шкендија има шанси, Силекс и Работнички тешко! ↓↓↓
По Светското клупско првенство, каде што за последен пат го облече дресот на Реал Мадрид, клубот чиј капитен и легенда стана, Модриќ се приклучи на италијанскиот гигант. Во Реал беше од 2012 година, освојувајќи вкупно 28 трофеи, и зад себе остави недостижна трага.
Милан ќе биде шестти професионален клуб во богатата кариера на Модриќ, по играњето за Динамо, Интер Запрешиќ, Зрињски, Тотенхем, а се разбира и Реал.
Во интервјуто за сајтот на Милан, Модриќ ги откри причините поради кои ја прифатил понудата на овој италијански тим.
“Сакав да останам во Европа за да продолжам да играм натпреварувачки фудбал. Имав и други понуди, но кога ме повика Милан, беше јасно. Ова го сакав од самиот почеток”, започна тој и додаде уште еден важен момент што го спроведе во овој избор.
“Импресиониран бев од тоа што спортскиот директор Игли Таре допатува во Хрватска за да ми го презентира проектот и сѐ што е поврзано со Милан. Тоа ми беше многу значајно. Тој гест само ми покажа колку ме сакаат овде. Милан е еден од најголемите клубови во Европа и секогаш оди по највисоки цели, освојува трофеи и се натпреварува со најдобрите тимови во светот. Затоа решив да дојдам”, изјави тој.
Во воведниот дел од интервјуто, Модриќ спомена и својата детска фотографија во дресот на Милан.
“Една преубава слика. Како дете многу следев Серија А, а Милан ми беше омилен тим. Во тоа време, во Хрватска многу се следеше Милан затоа што беше еден од најпопуларните клубови во светот. Мојот идол Бобан беше исто така таму. Сега сум многу среќен што сум овде и со нетрпение ја очекувам новата авантура.”