
Фауджа Синг, кој се сметаше за најстариот маратонец на светот, загина во сообраќајна несреќа на 114-годишна возраст, соопшти неговиот биограф во вторникот.
Синг, роден во Индија и британски државјанин, познат како „Турбаноното торнадо“, беше прегазен од непознато возило во понеделник во дистриктот Џаландхар, во индиската држава Пенџаб.
Вардар сигурен, Шкендија има шанси, Силекс и Работнички тешко! ↓↓↓
– Нашиот Турбаноно торнадо веќе не е со нас. Прегазен беше од непознат возач додека преминуваше улица во селото Бијас. Почивај во мир, драги Фауджа – напиша на социјалната мрежа X неговиот биограф, Кушвант Синг.
Синг немаше официјален роден лист, но семејството тврди дека е роден на 1 април 1911 година.
До својата стота година учествуваше на целосни маратони (42 километри). Последната трка од 10 километри ја истрча во Хонг Конг во 2013 година, на 101 година, за еден час, 32 минути и 28 секунди. Стана меѓународна сензација кога започна да трча маратонски трки на 89 години, инспириран од загубата на сопругата и синот, како и од гледање маратони на телевизија.
Иако беше познат како најстариот маратонец, немаше потврда од Гинисовата книга на рекорди, бидејќи не можеше да ја докаже точната возраст поради недостиг на роден лист – документ кој не постоел во времето кога бил млад, под британска власт.
Фауджа Синг беше и носител на олимпискиот пламен на Олимписките игри во Атина 2004 и Лондон 2012 година, и се појавуваше во реклами со спортски ѕвезди како Дејвид Бекам и Мухамед Али.