
Сержо Консеисао ќе биде тренер на Милан до крајот на сезоната, а потоа италијанскиот великан ќе се обиде да најде долгорочно решение, пренесува добро информираниот инсајдер Фабрицио Романо.
Синоќешниот пораз од Болоња во финалето на Купот на Италија со резултат 0:1 беше „капката која ја прели чашата“ кај раководството на Милано и Португалецот е веќе минато, иако директорот на клубот Ѓорѓо Фурлани во својата изјава остана „загатнат“ по ова прашање.
Сакаш да снимаш видеа и да заработуваш од тоа? ТЕБЕ ТЕ БАРАМЕ! ↓↓↓
Консеисао на 30 декември го замени својот сонародник Паоло Фонсека на „жешката“ клупа на Милано и по само два натпревара им донесе на „росонерите“ трофејот Суперкуп на Италија во Саудиска Арабија.
Тогаш се чинеше дека Консеисао и Милано се идеална комбинација, дека ќе го разбуди тимот, но во Серија А овој тим продолжи да реди многу лоши резултати.
Потоа следеше и шокантното елиминирање од Фејенорд во шеснаесетинафиналето на Лигата на шампионите, во домашното првенство ништо не се промени и Милано е на две кола пред крајот дури осми на табелата.
Со Консеисао заминува и уште еден Португалец.
Жоао Феликс одигра очајно во црвено-црниот дрес и ќе се врати во Челси по завршетокот на позајмицата.
Фото: AC Milan/X