
Неверојатни се случувањата во завршницата на холандското првенство. Изгледаше дека Ајакс сигурно ќе ја освои титулата, откако на пет кола пред крајот имаше девет бодови повеќе од ПСВ. Сепак, дојде до неверојатен пресврт на табелата.
“Копјаниците” имаа сè во свои раце, а потоа следуваа порази од Утрехт (0:4) и НЕЦ (0:3), како и нерешен натпревар со Спарта (1:1). Она што се случи вчера во 33-тото коло, ќе се раскажува долго време.
Ајакс водеше против Гронинген со 2:1 и имаше еден играч повеќе. Се чинеше дека ќе освојат три многу важни бодови, но следуваше шок во деветтата минута од продолжението кога Тајмен Блоксжи донесе изедначување за домаќините.
Сето тоа го искористи ПСВ и со серија од шест победи стигнаа до чекор до титулата. “Филипсовците” се први на табелата на Ередивизијата со 76 бодови, имаат еден повеќе од големите ривали пред последното коло.
Тимот од Ајндховен во 34-тото коло гостува во Ротердам на екипата Спарта. Ајакс ќе го дочека Твенте на “Јохан Кројф арената”.
Фото: Ajax/FB