
Според извештаите на англиските медиуми, Рајан Черки сака да ја продолжи кариерата во Ливерпул, додека неговиот агент веќе води преговори за трансфер во Манчестер Јунајтед. Черки е меѓу најперспективните млади офанзивни играчи во Европа и очекувањата за него во иднина се сè поголеми.
Иако има само 21 година, Черки веќе има одиграно 182 натпревари во дресот на Лион. Францускиот фудбалер, кој може да игра и како крилен напаѓач, во досегашната кариера постигнал 29 гола и запишал 44 асистенции. Во минатото, исто така, беше поврзуван со можен трансфер во Премиер лигата, но тој трансфер не се реализираше, и изгледа дека летово ќе направи голем чекор напред во неговата кариера.
Безбедни ли сме? Колку во Македонија се вложува во безбедност и заштита? ↓↓↓
Како што пишува „GiveMeSport“, агентот на Черки се сретнал со претставници на неколку клубови, а моментално разговара со Манчестер Јунајтед. Во актуелната сезона Черки има 41 настап во сите натпреварувања за Лион, постигна 12 голови и додаде 19 асистенции, а неговата цена изнесува 35 милиони евра.
“Агентот на Черки разговарал и со Арсенал, Тотенхем и Манчестер Сити, а моментално е во преговори со Манчестер Јунајтед иако играчот сака трансфер во Ливерпул. Него го интересира какви услови се подготвени да понудат челниците на Манчестер Јунајтед, но играчот тоа не го интересира многу бидејќи сака да оди во тимот од Енфилд”, тврдат новинарите на „GiveMeSport“.
Најверојатно во борбата за неговиот потпис би можеле да се вклучат и сопствениците на Тотенхем на кои Черки особено им се допаѓа. Трите лондонски клуба – Фулам, Кристал Палас и Вест Хем Јунајтед – исто така покажале интерес, но Черки наводно не е заинтересиран за трансфер во ниту еден од нив. Сè уште не се знае дали играчот би прифатил понуда од Њукасл во случај тој клуб следната сезона да обезбеди настап во Лигата на шампионите.