Привремениот менаџер на Лестер Бен Досон денеска изјави дека не знае ништо за наводното назначување на Руд ван Нистелрој за нов менаџер на „Лисиците“.
Британските медиуми објавија дека управата на Лестер ќе го ангажира Ван Нистелрој, кој на 15 ноември го напушти Манчестер Јунајтед по доаѓањето на Рубен Аморим. Тој се приклучи на стручниот штаб на Јунајтед ова лето, а беше и привремен тренер на тимот откако Ерик тен Хаг доби отказ на крајот на октомври. Во четири натпревари колку што ги водеше „црвените ѓаволи“ забележа три победи и едно реми.
Манчестер Сити треба да победи - и тоа кога е најтешко! ↓↓↓
Лестер е во потрага по менаџер откако Стив Купер беше отпуштен во неделата по само пет месеци.
Досон ќе го води тимот против Брентфорд во сабота и на прес-конференција беше прашан дали има нешто да каже за назначувањето на Ван Нистелрој.
„Не знам ништо во овој момент. Се надевав дека вие ќе ми кажете нешто повеќе. Ние, веројатно знаеме исто колку вие. Продолжуваме да работиме и да се подготвуваме за следниот натпревар“, изјави Досон.