Францускиот репрезентативец и играч на Јувентус, Пол Погба се уште ја отслужува казната за допинг, која беше намалена на 18 месеци суспензија од четири години и на терените ќе може да се врати во март.
Погба не го крие задоволството што доби нова шанса да му се врати на фудбалот.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Добив нова шанса, го вратив она што ми беше одземено и добив нов живот. Март ми изгледа како „утре“, брзо ќе дојде и едвај чекам“, изјави Погба.
Но, се наметнува прашањето во чиј дрес ќе игра Погба напролет, бидејќи веќе се најавува за негова потенцијална разделба со Јувентус, со кој има важечки договор до јуни 2026 година. Сепак од Јувентус засега говорат дека не сметаат на него.
Се споменува и интересот на францускиот Олимпик Марсеј и на таа тема зборуваше Патрис Евра.
„Се смеам затоа што „Вујко Пат“ (Патрис Евра) го кажа тоа како шега. Сè уште сум под договор, така што тоа не е веродостојно. Веќе имам клуб, па размислувам само да се вратам на теренот и да излезам од оваа ситуација. Секако, никој не знае што носи утре, затоа никогаш не вели никогаш“, изјави Погба.
Не се откажува ниту од репрезентацијата и има амбиција да настапи на СП во 2026 година.
„Мојата цел е пред се да се вратам во форма, бидејќи не сум играл некое време. Во француската репрезентација има и други играчи, не е дека само ќе седат затоа што на располагање е Пол Погба. На мене е да го заработам моето место. Секако дека сè уште сум во контакт со тренерот Дешам, тој секогаш беше тука и ме поддржуваше, и пред оваа ситуација. Многу сум му благодарен“, додаде Погба.