Раководството на Ла Лига објави нови ограничувања на платите за шпанските клубови по завршувањето на зимскиот преоден рок. Најголем губитник е Барселона, која наместо досегашните 270, сега може да троши само 204 милиони евра годишно за плати на играчите и стручниот штаб.
Само пред една година Барселона имаше лимит од 648 милиони евра, која летово беше намалена на 270, а сега е намалена на 204, што е нов голем удар за каталонскиот клуб. Ваквата граница е резултат на евалуација на финансиите на Барселона, која со години е во катастрофална состојба. За споредба, Реал за плати може да потроши дури 727 милиони евра.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Барса може да го зголеми лимитот доколку и се зголемат приходите, но вишокот приход не може веднаш да се искористи за зголемување на лимитот, туку мора да се распредели во четири сезони. Моментално троши 492 милиони евра за плати на играчи и лани ја надмина границата со амортизирање на разни финансиски акробации.
Поради ова на Барселона не и беше дозволено да регистрира нови играчи освен Виктор Роке кој дојде од Атлетико Параненсе за 40 милиони евра во претходно договорениот трансфер. Роке можеше да се пријави бидејќи Гави беше повреден подолго време, а правилата велат дека во тој случај клубовите можат да пријават играчи како замена и покрај тоа што го надминале лимитот.
Во превод, доколку сака да го засили тимот на лето, Барселона ќе мора да направи огромни кратења за да ослободи простор.
Барселона е трет тим од Ла Лига по лимитот на плата, зад Реал и Атлетико Мадрид, кои можат да трошат 303 милиони годишно за оваа ставка. Алавес има најмал дозволен буџет, кој смее да потроши само 33 милиони евра.